Македонскиот интернационалец Перо Антиќ нема да биде во составот на Црвена звезда за натпреварот во Евролигата против Бросе Бамберг.
Антиќ поради полесна повреда го пропушти синоќешниот натпревар Црвена звезда-МЗТ Скопје (112:73), а според тренерот Душан Алимпијевиќ, тој нема да биде во тимот и против германскиот шампион.
„Перо имаше проблеми и пред мечот со Макаби, повреда на листот на ногата ја влече уште од Фенербахче. Сега таа повторно се активира и прашањето беше само кога ќе го решиме тоа. Решивме тоа да биде сега. Нема да игра против Бамберг, но в петок ќе почне да тренира и ќе биде во тимот за натпреварот со Партизан“, рекол Алимпијевиќ.
Црвена звезда ќе го пречека Бросе Бамберг в четврток, а наредниот понеделник во АБА лигата ќе го одигра дербито со Партизан.