Претседателот на ФИА, Жан Тод заедно со носителот на комерцијалните права во спортот и претставниците на производителите на автомобили вклучени во Формула 1 ги објавија деталите за моторите кои ќе се користат во спортот од 2021 година.
Околу деталите ќе се разговара уште 12 месеци, и стартот на развојот на моторите нема да биде дозволен дотогаш, за да се осигура производителите да продолжат на развојот на сегашните мотори во 2018 година.
Предлогот за 2021 е задржување на сегашниот 1.6 литарски В6 турбо-хибриден мотор, но тој би работел дури 3.000 вртежи во минута повисоко за да се обезбеди „подобар звук“. За да се намали комплицираноста на новиот дизајн, МГУ-Х уредот, кој претставува уред за користење на кинетичката енергија преку турбо-погонот и кој го врти турбо-полначот при мала гас, ќе биде отстранет, а ќе се воведат и неколку ограничувања на дизајнот за да се „ограничат трошоците“ и да не се охрабруваат радикални дизајни.
Наместо тоа, ќе биде поставен универзален турбо-мотор со ограничувања на димензиите и тежината, а ќе биде воведен и стандардизиран „акумулатор“ на енергијата, заедно со стандардна електроника.
МГУ-К уредот (класичниот погон за поврат на кинетичката енергија, сличен како кај обичните хибридни автомобили) ќе биде направен многу помоќен со фокус на рачно управување, слично како КЕРС системот во 2009 година. Со ова возачите ќе имаат опција да ја зачуваат енергијата неколку круга за подоцна да ја искористат за претекнување или други маневри.
„Погонот за 2021 е пример за иднината – ФИА како регулатори, ‘Либерти медија’ како сопственици, и тимовите и производителите како акционери во спортот ќе работат заедно за подобра иднина. До предлогот не беше лесно да се дојде, и имаше серија состаноци оваа година со сегашните тимови и производители, но и потенцијални нови тимови и производители. Ги слушнавме и предлозите на фановите и тоа што тие сакаат да го видат во блиска иднина – мотор кој ќе е поедноставен, поевтин и побучен од досега. Се надеваме дека ќе привлечеме нови производители на автомобили во спортот за да имаме поизрамнет и поеднаков однос на тимовите“, изјави Рос Браун, поранешниот прв човек на Ферари, Хонда и Мерцедес, кој од оваа година е задолжен за спортските правила во спортот од новите сопственици „Либерти медија“.