Фудбалската репрезентација на Канада претрпе пораз во Хондурас, во натпревар од Лигата на нации во КОНКАКАФ. Овој дуел директно се решаваше за првата позиција во Ц-групата. Хондурас победи со 2:1, но по натпреварот најмногу се зборуваше за временските услови и лошото судење на Марио Ескобар од Гватемала.
Натпреварот во Хондурас се одигра по вистинско тропско невреме кое целосно го натопи теренот, а судијата Ескобар имаше полни раце работа, доказ за тоа се дури девет жолти и еден црвен картон за Канаѓанецот Алистер Џонсон.
По последниот свиреж на судијата, Канаѓаните направија сериозен скандал. Тие тропнаа на вратата од судиската соблекувална и пцуеја.
Најдалеку отиде играчот на турски Хатајспор, Сем Адекугбе, кој беше фатен од камерите како ја шутира вратата од судиската соблекувална.
За потсетување, Канада ќе игра на Мундијалот во Катар. Во групата противници ќе и бидат Хрватска, Белгија и Мароко.