Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта вели дека клубот не заборавил на својата легенда Лионел Меси и посочи дека ќе му оддадат почит на Аргентинецот за работите кои ги направи за клубот.
Односите на Лапорта со Меси не се на највисоко ниво, откако минатото лето, Лапорта одлучи дека клубот не е способен да му понуди нов договор и го пушти како слободен играч да потпише за Пари Сен-Жермен, опишувајќи ја одлуката како „најтешка“ во неговата кариера, но посочувајќи дека клубот е на прво место. Меси во ноември призна дека бил „навреден“ од заминувањето од Барса иако се согласил на намалување на платата за 50 отсто.
„Ќе поддржам било какава иницијатива за да се оддаде почит за Меси, за работите кои ги направи за Барса. Мораме вечно да се сеќаваме на тоа што го направи за нас. Без него, последните 20 години на клубот се невозможни. Минатата година условите не натераа да го направиме то што го направивме, но тоа не ја намалува нашата благодарност. Се надевам дека наскоро ќе го реализираме тоа“, изјави Лапорта.
Шпанските медиуми тврдат дека Лапорта ќе се обиде да го убеди Меси да учествува на посебен настан во 2024 година со кој би се одбележила неговата кариера во Каталонија во исто време со прославата на 125-годишнината на клубот. Меси играше 17 сезони во Барса во кои освои 35 титули, вклучувајќи четири трофеи од ЛШ.