Ѕвездата на Ливерпул, Мо Салах играл со повреда во финалето на Лигата на шампионите, кое „црвените“ го загубија од Реал Мадрид со 0:1, тврди докторот на египетската фудбалска репрезентација, Мохамед Абу Ел Ела.
Салах се повреди во првото полувреме од финалето на ФА купот против Челси на 14 мај, по што имаше само 32 минути во последните два меча од Премиерлигата пред да реши да игра во големото финале, изјавувајќи дека му е потребна „одмазда“ против „кралевите“. Тој се врати на терените овој месец, кога беше капитен на Египет во квалификациите за Африканскиот куп на нации и Абу Ел Ела тврди дека тој пристигнал повреден.
„Тој имаше повреда на бутниот мускул, но играше во два меча за само 14 дена. Мислам дека Ливерпул претераа и дека требаше да го остават целосно да се опорави. Затоа сметавме дека мечот со Гвинеја е доволен и не го пративме на гостувањето против Етиопија“, изјави докторот.
Салах одигра 51 меч за Ливерпул во сите натпреварувања оваа сезона, од кои на 45 беше стартер, а исто така одигра дополнителни 15 меча за египетската репрезентација, со која стигна до финалето на Африканскиот куп на нации, каде што загубија од Сенегал.