Германецот Дирк Новицки влезе во историјата на НБА лигата, откако потпиша нов едно годишен договор со Далас Маверикс.
Новата сезона ќе биде 21. за Новицки во дресот на Далас. Вакво остварување имаат само Кевин Гарнет, Кевин Вилис и Роберт Периш.
Сепак, Новицки е единствен во историјата на лигата бидејќи целата кариера ја минува во дресот на еден тим, во случајот Далас Маверикс.
Легендарниот Германец, на вечната листа, го мина Коби Брајант, кој 20 сезони го носеше дресот на ЛА Лејкерс.
Новицки на драфтот во 1998 година, беше избран како деветти пик од страна на Милвоки Бакс, а веднаш по драфтот во трејд, во кој покрај Милвоки учествуваа и Далас Маверикс, односно Феникс Санс, тој заврши во екипата од Тексас.
Германецот за Далас има постигнато 31.187 поени и се наоѓа на шестото место на вечната листа, а во кариерата има просек од 21,2 поени, 7,7 скока и 2,5 асистенции.
Новицки во 2007 година беше МВП на сезоната,а во 2011 година ја освои шампионската титула.