Новак Ѓоковиќ „влета“ во третото коло на Вимблдон по убедливата 6:1/6:4/6:2 победа над Австралиецот Танаси Кокинакис, по што мораше да одговара на прашањата дали имал посебна мотивација бидејќи играл против тенисер од Австралија, земјата која во јануари го депортираше и не му дозволи да ја брани титулата од гренд слемот во Мелбурн.
Ѓоковиќ во јануари имаше крајно непријатно искуство откако беше сопрен на аеродромот во Мелбурн бидејќи не е вакциниран против КОВИД, по што неколку недели се обидуваше преку суд да добие дозвола за влез во земјата, за на крајот на да биде депортиран.
„Имав тактика и ја планирав играта за да го добијам мечот. Немав поголема желба да го победам Танаси само бидејќи е Австралиец. Сосема спротивно, со него имам добри односи и тој е одлично момче. Секако, кога сме на терен, важна е победата. Денеска имаше почит меѓу нас и тоа е најважно. Се надевам дека тоа е одговор на прашањето. Не сум лут на никому од Австралија“, изјави Ѓоковиќ.