Пари Сен-Жермен го совлада Атлетико Мадрид со 3:2 во меч од Интернационалниот шампионски куп (ИЦЦ), благодарение на одличниот гол во финишот на мечот на тинејџерот Виргилију Постолачи.
Кога изгледаше дека мечот во Сингапур ќе се одлучува на пенали, 18-годишниот Французин роден во Молдавија, успеа да постигне одличен гол од работ на шестнасетникот.
Претходно, Атлетико се врати од 2:0 негатива, откако прво ПСЖ поведе преку Кристофер Нкунку и Муса Диаби, пред Виктор Молехо во 76. минута и Антоан Бернед со автогол во 86. минута да израмнат на 2:2.
ПСЖ, без своите најголеми ѕвезди, тешко се снаоѓаше на ИЦЦ мечевите, со два порази и осум примени голови. Томас Тухел направи 10 промени во второто полувреме, и им даде шанса на помладите фудбалери, како 19-годишниот Диаби и 18-годишниот Постолачи.