Статистиката покажува дека фудбалерите на Лидс истрчале 11 километри повеќе од своите ривали од Челси при фантастичната 3:0 победа во неделата, со која тимот на Џеси Марш го продолжи импресивниот старт на сезоната и се искачија на третото место на табелата.
Новото засилување, Американецот Бренден Аронсон го отвори резултатот користејќи ја грешката на голманот Едуар Менди, пред Родриго да зголеми на 2:0, а Џек Херисон го комплетираше триумфот во второто полувреме во очаен ден за Томас Тухел и „Сините“.
Стрелецот на голот, Аронсон изјави дека тие едноставно ја сакале победата повеќе.
„Ова е остварување на сонот за мене и за клубот поради одличниот прогрес кој го направивме. Трчањето? Тоа покажува кој ја сакал победата повеќе во тој момент“, изјави Аронсон.