Српскиот напаѓач на Фулам, Александар Митровиќ се потсмеваше со својот поранешен соиграч Ајван Тоуни, откако двајцата имаа голгетерски дуел во саботата во Премиерлигата, велејќи дека тој мора да му стана идол на напаѓачот на Брентфорд.
Фулам на мечот имаше 2:0 предност, но Брентфорд се врати, а Тоуни израмни на 19 минути пред крајот на мечот, по што го копираше славењето на Митровиќ со раката на увото. Но, Србинот на крајот се радуваше, откако во 90. минута постигна гол за 3:2 победа.
„Секој има свои идоли. Тој играше со мене во Њукасл и беше мое момче. Мојот идол беше Алан Ширер, а јас најверојатно сум неговиот идол. Тоа беше вистинско дерби, сите уживавме – фановите, ние на теренот. Можеби не уживаше нашиот менаџер“, вели Митровиќ.
Ова беше трет гол на Митровиќ оваа сезона, со што ги замолче критичарите кои сметаа дека фантастичната форма во Чемпионшип не може да ја повтори на највисоко ниво.
„Не ми е грижа што зборуваат, јас знам дека припаѓам тука. Се чувствувам добро, уживам во Премиерлигата и помагам на мојот тим“, додава Србинот.
Aleksandar Mitrovic on Ivan Toney doing his signature celebration ? pic.twitter.com/yNYvjh7IDw
— ESPN UK (@ESPNUK) August 22, 2022