Ферари побараа од Светската автомобилистичка федерација (ФИА) да ја исполни својата обврска и детално да внимава на надминувањето на ограниченото трошење во Формула 1, откако Ред бул постојано го надградуваат својот РБ18 болид.
Оваа сезона, тимовите имаат ограничен буџет од 140 милиони долари, иако оваа сума минимално се зголеми на 145 милиони долари поради инфлацијата и зголемените трошоци, иако Ред бул веќе побараа оваа сума уште повеќе да се зголеми. По шпекулациите дека планираат нова шасија за трката во Сингапур, се појавија сомнежи како Ред бул можат да останат во предвидениот буџет.
„Тоа би било премногу скапо. Не само поради тестовите на судир, туку поради тоа што треба да изградите барем три нови шасии, што чинат барем по 2 милиони евра“, изјави извор од Мерцедес за „Ауто мотор унд спорт“.
Шефот на Ферари, Матија Биното пак, се прашува дека ФИА има доволно вработени.
„Бројот на луѓе кои го надгледуваат буџетот е многу мал. Мора да има подобрувања во иднина, бидејќи би било лошо за спортот ако исходот на шампионатот зависи од прекршувањето на финансиските правила. Не можам да знам што прават ривалите и затоа ФИА мора да го регулира тоа. Ферари не би можеле да донесат нова шасија сред сезона поради финансиските ограничувања“, изјави Биното.