Top Sport

Автобиографска книга за Дарко Панчев: „Кобрата и бубамарата – најверно пријателство“

На денот кога најдобриот фудбалер на минатиот век во Македонија, Дарко Панчев, го прославува својот 57. роденден, доаѓа најава за неговата прва авторизирана биографија, во која ќе биде опишан неговиот спортски живот, од подмладокот на Вардар се до крајот на кариерата.

Автор на ова дело е прославениот новинар Зоран Михајлов, а книгата се очекува наскоро да биде достапна до јавноста под името „Кобрата и бубамарата – најверно пријателство“.

„Решетејќи ги мрежите на звучните клубови во Првата југословенска лига како играч на Вардар, успева да стигне до врвот на лигата во сезоната 1986/87 година, по што станува привлечен за клубовите од т.н. ‘Голема четворка’ – српските Црвена звезда и Партизан и хрватските Динамо Загреб и Хајдук. Но, најбрза во трката за неговиот потпис е белградска Звезда, каде што ќе го достигне зенитот во својата кариера – освојување на тронот на клупска Европа и тоа токму со неговиот победнички погодок во пенал-рулетот против Олимпик Марсеј и добивањето на Златната копачка за најдобар стрелец во Европа. Потоа настапува и за гигантот Интер од Милано, за Лајпциг, Фортуна Диселдорф и за Сион, каде што ја завршува својата кариера. Забележани се и неговите настапи за југословенската репрезентација и за репрезентацијата на Македонија по осамостојувањето, на која ѝ беше првиот капитен“, се вели во најавата на биографијата на Панчев.

Scroll to Top