Легендарната тенисерка Моника Селеш вели дека додека траела нејзината кариера, притисокот никогаш не бил добра работа, порачувајќи на медиумите да ја остават освојувачката на рекордни 23 гренд слем титули, Серена Вилијамс.
„Како тенисерка секогаш те знаат по твојот последен резултат. Видете што се прави со Серена – ако не освои гренд слем титула, како да не направила ништо. Но, помина нецела година откако таа се породи. Затоа оставете ја малку. Истиот менталитет беше и со мене, ако загубев два-три меча, тоа беше вистинска катастрофа. Од сегашна гледна точка, знам дека се работи само за тенис и тоа е совет кој би го дала на сите“, вели Селеш.
Според неа, тенисот е многу сменет од нејзината ера, посебно од бизнис страната, бидејќи во нејзино време се мислело на „убавината“ на тенисот.
„Тенисот стана огромен бизнис. Мораш да играш само бидејќи го сакаш тенисот, бидејќи сакаш да го удираш тоа мало жолто топче. Спортот почна да се менува кога играв и јас, бидејќи постоеше притисокот тенисерките да бидат убави. Но, гледам, дека и сега е исто како кога играв јас – нема пријателки во соблекувалната, нема долгорочни пријателства. Така се плашиш дека ја губиш предноста“, вели 44-годишната Американка.