Top Sport

Буфон со совет за Мбапе: Остани скромен и со желба да бидеш во историјата

Новиот голман на Пари Сен-Жермен, Џанлуиџи Буфон вели дека Килијан Мбапе е на добар пат да стане еден од најголемите фудбалери во историјата, но дека мора да остане скромен и гладен за победи.

19-годишниот Мбапе стана само вториот тинејџер со постигнат гол во финале на СП (по Пеле!) помагајќи Франција со 4:2 да ја совлада Хрватска за титулата, а ветеранот Буфон вели дека го запознал талентот на Мбапе уште во полуфиналето од ЛШ во 2016/17. Тогаш, како фудбалер на Монако, тој го совлада Буфон во 2:1 поразот во Торино.

„Кога зборував по тој меч со Андреа Барѕаљи, кој ми е многу добар пријател, тој јасно ми кажа: ’Џиџи, во 20 години кариера ретко сум видел некој толку да е брз и да не можеш да го сопреш’. Ова не се празни зборови, бидејќи Андреа, кога е фокусиран и фит, е најдобриот дефанзивец на светот. Очигледно дека Мбапе има нешто повеќе од другите. Се надевам дека ќе остане скромен и ќе ја задржи желбата да биде уште подобар. Ако направи така, ќе влезе во историјата на фудбалот“, вели Буфон.

Мбапе се врати во ПСЖ во понеделник по подолгата пауза поради СП, и може да игра со 40-годишниот Буфон веќе во недела, кога ПСЖ ја почнува одбраната на француската титула против Каен.

Scroll to Top