Бразилската ѕвезда Касемиро открива дека бил „навистина изненаден“ од квалитетот на Маркус Рашфорд, откако во текот на летото го направи скапиот трансфер од Реал Мадрид во Манчестер јунајтед.
За 30-годишниот Касемиро, Јунајтед платија 50 милиони фунти, но неговиот квалитет помогна да се „стабилизира“ играта во средниот ред на „ѓаволите“, а тој стана еден од клучните играчи на Ерик Тен Хаг. Уште еден играч кој е во топ-форма оваа година е Маркус Рашфорд, со 11 гола, повеќе од двојно од целата мината сезона.
„Ќе бидам многу искрен со вас, бев навистина изненаден од тоа каков играч е Рашфорд. Според мене, познавајќи го како се однесува надвор од теренот, ако е здрав, тој може да биде меѓу најдобрите пет играчи на светот. Има неверојатен начин на шутирање на топката, силен е, брз и знае да одигра умно. Тој беше еден од играчите кои навистина ме изненадија. Кога играте во поинаква лига ги знаете и другите играчи, но кога сте во ист клуб, најдобро ја согледувате ситуацијата. Каков спектакуларен играч. Уживам во играта со него, бидејќи ни дава многу енергија“, вели Касемиро за „ЕСПН Бразил“.