Пеп Гвардиола неодамна го продолжи договорот со Манчестер сити, но инсистира дека тоа не значи дека ќе мора да го исполни до крајот, велејќи дека не се споредува со еден Алекс Фергусон и неговата долговечност на клупата на градските ривали, Манчестер јунајтед.
Пеп претходно остана четири години во Барселона, и само три во Баерн Минхен, за сега да го води Сити во својата седма последователна година.
„До кога ќе останам? Додека не почувствувам дека има некој проблем или дека веќе не сакам да сум во клубот. Тогаш ќе си заминам. Знаете, јас не сум Алекс Фергусон или Арсен Венгер со 20 години на исто место. Да, го продолжив договорот со Сити, но тоа е само парче хартија. Ако се заситиме, дефинитивно ќе се разделиме“, изјави Гвардиола по разочарувачкото 1:1 реми со Евертон, кое ги остава далеку од лидерот Арсенал.