„Никогаш не сме виделе Реал Мадрид да игра толку лошо“, посочи еден од навивачите на „Лос бланкос“ на Твитер по 3:1 поразот од Тотенхем. Тој не беше единствен кој не беше импресиониран од актуелниот европски шампион.
Играта на тимот на Зинедин Зидан беше едноставно лоша, и Тотенхем заслужено ги освои трите поени, во исто време нанесувајќи му го првиот пораз на Реал Мадрид во натпреварите по групи во Лигата на шампионите од октомври 2012, ставајќи крај на низата долга 30 натпревари.
Во исто време ова е трет најлош пораз на Реал од англиски противник, по поразот од 4:0 од Ливерпул (2009) и 4:1 од Дерби Каунти (1975). Зинедин Зидан само еднаш досега како тренер на Реал имал два порази во низа. Иако, благодарение на катастрофалните Борусија Дортмунд на „галактикосите“ им е потребен само еден поен за пласман во осминафиналето, шпанските медиуми и навивачи не простуваат толку лесно. „Медениот месец“, кога се броеја титулите заврши. Сега за Французинот следува само притисок.
„АС“ на својот веб-сајт оди со наслов „Реал Мадрид уште се мачи“, додека „Марка“ е поедноставна: „Дебакл на Вембли“.
Откако и Атлетико Мадрид одигра само 1:1 со Карабах, колумнистот на „АС“ Алфредо Релањо едноставно заклучи: „Лигата на шампиони веќе не е игралиште за тимовите од Ла лига“. Тотенхем влегува меѓу најдобрите 16 во Европа, заедно со Манчестер сити, Манчестер јунајтед, покажувајќи дека во моментов Премиер лигата е таа што владее (барем по натпреварите по групи).