Манчестер јунајтед може да му направат „услуга“ на Кристијано Роналдо така што ќе потпишат со неговиот нов соиграч од Ал-Наср, Камерунецот Винсен Абубакар, со што би се ослободило место за „странците“ во саудискиот клуб и тие ќе можат да го регистрираат Португалецот.
Според саудискиот „ОКАЗ“, Јунајтед веќе контактирале со Ал-Наср за достапноста на камерунскиот напаѓач во јануарскиот преоден рок, објаснувајќи дека ќе се работи само за шестмесечна позајмица со која „ѓаволите“ ќе ги решат проблемите со недостаток на напаѓачи откако му го раскинаа договорот на Роналдо.
30-годишниот Абубакар својата европска кариера ја почна во Франција со клубовите Валенсиен и Лориен, пред во 2014 година да потпише со Порто, со кои освои титула од Примиера. Во 2017 година тој ја освои и титулата од Турската Суперлига додека беше позајмен за Бешикташ, а истото го повтори и во 2021. Тој има над 90 настапи за Камерун, со три настапи на СП во 2010, 2014 и 2022.