Лос Анџелес доџерс ќе почекаат барем уште една година за првата Светска серија во безбол од 1988 година, откако беа поразени со 5:1 од Хјустон астрос во одлучувачкиот седми меч од безбол-финалето во МЛБ лигата.
Доџерс имаа доминација во регуларната сезона и во плеј-офот, по што сите сметаа дека тие веќе се шампиони, но Астрос успеаја да стигнат до славна победа и до прва титула во 55-годишната историја на тимот.
Централ-филдерот на Астрос, Џорџ Спрингер ја доби наградата за МВП во финалето, откако го предводеше својот тим до победа во последниот седми меч и стана првиот играч во историјата со хоумран во четири натпревари во низа од Светската серија.
За Хјустон ова е славен триумф, посебно бидејќи Тексас беше погоден од ураганот Харви и тимот на своите дресови го носеше мотото „Хјустон стронг“ и помагаше во опоравувањето на градот.
„Го носевме мотото гордо за луѓето од Хјустон. Нашите фанови издржаа многу, но се враќаме дома како шампиони“, вели фрлачот на Астрос, Ленс Меккалерс Јуниор.