Луис Хамилтон е возач каков што Формула 1 нема видено, со седум светски титули, со огромна доминација во годините со Мерцедес и ќе остане познат како возач кој имаше блескав старт на кариера предводен од неговиот татко, Ентони Хамилтон како менаџер.
Во 2007 година, како дебитант за Мекларен, титулата му избега за само еден поен (од Кими Раиконен), за во втората сезона да стане шампин, пред во 2010 да го шокира светот и да му врачи отказ на сопствениот татко. Сега, тој објаснува зошто тоа било нужно.
„Мојот татко ми беше менаџер кога почнував во Формула 1 и работеше многу напорно. Неговата работна навика беше толку инспиративна за мене. Како станува рано наутро, колку малку спие, бескрајни часови во гаражата, пакувајќи се за секоја трка, учејќи се да биде подобар механичар. Но, тогаш му беше тешко да ми покаже љубов. Понекогаш само сакаш твојот татко да те гушне. На 22, 23 години беше интензивно. Не одиш на училиште да научиш да зборуваш со медиумите, немав портпароли или ПР луѓе. Се направија многу грешки, сакаш да имаш нормален живот, но ништо не е нормално. Во еден момент влеговме во конфликт. Сакав тој да ми биде само татко. Да се забавуваме, да се смееме. Го немавме тоа долго време. Затоа решив да се разделам и сам да си носам одлуки. Тогаш зборувавме помалку, но работиме на подобрување на односите. Тој е првиот човек кому му се јавувам по секоја трка“, вели Хамилтон.