Пеп Гвардиола вели дека неговиот поранешен помошник Микел Артета можел да стане менаџер на Манчестер сити, но не сакал да ја почека таа шанса и затоа се преселил во Арсенал. Гвардиола му ја даде првата тренерска работа на Артета откако Шпанецот се пензионираше од фудбалот, именувајќи го асистент во 2016 година. Тој помина три и пол години како негов помошник, пред во декември 2019 да ги преземе Арсенал кои го отпуштија Унаи Емери.
„Сигурен сум дека ако заминев порано, тој ќе беше тука во Сити и ќе беше најдобар. Сто посто. Но, го продолжив договорот, и за жал, тој не чекаше. Сигурно можеше да стане менаџер на Сити“, вели Гвардиола.
Исто така, Артета беше фудбалер на Арсенал од 2011 до 2016 година и Гвардиола смета дека го сакал својот клуб.
„Тој го сака Арсенал. Се сеќавам кога бевме заедно и кога дававме голови секогаш скокаше и славеше. Освен против Арсенал, тогаш само седеше на столчето. Тогаш сфатив дека го сака клубот. Исто како јас со Барселона. Ако ме повикаат ќе одам. Мој клуб“, вели Гвардиола.