Легендата на Јувентус, Марко Тардели признава дека е исфрустриран и иритиран од повредите на Пол Погба, велејќи дека камбекот на Французинот во Торино претставува проблем посебно „кога решава да оди на скијање“.
Погба се врати во Јуве како слободен играч по крајот на неговиот договор со Манчестер јунајтед, но возбудата брзо спласна откако тој се повреди во пред-сезоната и мораше да оди на операција на коленото. Тој уште нема заиграно ниту еден конкурентен меч за „бјанконерите“ по враќањето.
„Погба нема играно од април 2022, кога беше во Манчестер јунајтед. Сега тој е проблем за Јуве, не знаеме кога ќе се врати и која му е намерата. Додека неговите соиграчи се мачат со сите проблеми на теренот, тој оди на скијање. Не оди на операција кога ќе му советува клубот, туку кога тој ќе одлучи. Сега, Јувентус мора да го реши тој проблем и самата ситуација покажува дека немаат многу идеи во кој правец се движи клубот. Алегри треба да направи нешто, бидејќи не е возможно да имаш играч кој само седи и не прави ништо и зема плата. Нормално дека сме иритирани“, вели Тардели.