Карлтон Кол, поранешниот англиски репрезентативец, кој во кариерата имаше и договори со кои заработуваше по 30.000 фунти неделно, објави дека банкротирал и покрај милионите кои ги заработи во кариерата.
34-годишниот напаѓач, кој играше за Челси и Вест хем, верувал на погрешните луѓе, вели неговиот портпарол.
„Карлтон во моментов работи како ментор на младите фудбалери за значењето на парите и славата. Тој ќе ги објави деталите следната недела за советите кои ги добивал и кои придонесоа ова да се случи, и за луѓето околу него кои имаа негативен ефект на неговата кариера и финансии“, се вели во соопштението.
Кол одигра 289 натпревари во Премиер лигата, постигнувајќи 51 гол, а седум пати беше во националниот дрес. Негов последен фудбалски ангажман беше индонезискиот клуб Персиб.
„Се надевам дека мојата приказна ќе помогне на младите фудбалери да преземат одговорност и да внимаваат кого слушаат. За жал, не го сфатив тоа до крајот на мојата кариера кога беше предоцна работите да се сменат“, додаде Кол.