Седумкратниот светски шампион, Луис Хамилтон ги пофали бразилските власти кои му дадоа голема казна на трикратниот шампион Нелсон Пике за расистичките и анти-ЛГБТ коментари кои ги имаше за возачот на Мерцедес.
Бразилскиот суд минатата недела нареди Пике да плати отштета од 5 милиони бразилски реали (околу 950.000 долари) за погрдните коментари кон Хамилтон во интервјуа кои се објавени во 2016 и 2021 година.
„Уште веруваам дека не треба да им даваме платформа на луѓе кои се полни со омраза. Би сакал да ја пофалам бразилската влада, бидејќи беше фантастично што побараа одговорност и покажаа дека такви работи нема да се толерираат. Расизмот и хомофобијата не се прифатливи и одлично е што покажаа дека стојат зад тој став“, објасни Хамилтон пред Австралиското ГП овој викенд.
70-годишниот Пике се извини на Хамилтон минатата година. Хамилтон од неодамна е почесен бразилски државјанин.