Во ново видео-интервју со повеќето големи имиња од 40-годишната историја на Формула 1 тимот на Вилијамс, сите се согласни – ко-основачот на тимот Сер Френк Вилијамс е исклучителен човек кому мора да му се оддаде почит.
Фелипе Маса дојде во Вилијамс пред сезоната 2014 година, по што се повлече минатата година, но одговори на повикот на тимот да се врати оваа година по заминувањето на Валтери Ботас во Мерцедес.
„Френк е голем тркач. Единствено нешто за што размислува е тркањето, и тоа секогаш со желба да се биде најдобар. Како човек е прекрасен и задоволство е да се работи за ваков тим. Се работи за едно големо семејство, со кое знаеш дека си дел од Ф1 историјата“, вели Бразилецот.
Дики Стенфорд има подолга историја од Маса со Вилијамс. Стенфорд дојде во Вилијамс како механичар на Најџел Менсел во 1985 година, во 1990 година стана шеф на механичарите, а во 1995 беше менаџер на тимот.
„Сите го викавме господинот тркање. Тој дише и живее за тркањето. Не е важно што се случило вчера, секогаш гледа кон утре. Сите размислуваме само за утре. И тоа го носи целиот тим напред. Тој е лидер“, вели Стенфорд, кој остана 10 години на позицијата менаџер на тимот пред пензионирањето во 2015 година.