Top Sport

Чеферин: Премиерлигата треба да е пример за сите

Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, кој денеска доби нов мандат, ја повтори својата омраза кон проектот за Европската Суперлига, и во исто време ја бранеше англиската Премиерлига, како вистински пример за градење на моќна фудбалска лига.

Европската Суперлига беше проект кој го шокираше светот на фудбалот во април 2021 со најави за голема заработувачка на елитните европски клубови. Под притисок на јавноста, англиските премиерлигаши се повлекоа од проектот, но следуваа критики дека токму Премиерлигата како финансиски најмоќна лига на светот е де факто Суперлига бидејќи може да ги купи сите најдобри играчи на светот.

Чеферин вели дека не е така, туку дека се работи за фантастичен домашен „продукт“.

„Тие што се љубоморни гледаат многу работи, но не и вистината. Откако британската влада, навивачите и клубовите кажаа не на Суперлигата, постојано ја демонизираат Премиерлигата, како еден вид на Суперлига која мора да биде сопрена. Меѓутоа, успехот на Премиерлигата не е случаен. Со храбар проект, визија, стратегија и многу работа, лидерите на лигата и клубовите направија неверојатен модел кој функционира на спортски принципи. Наместо модел кој би требало да биде уништен, ова е модел кој треба да биде следен од другите“, оценува Чеферин.

Scroll to Top