Нико Хилкенберг доби казна од 10 места на следната трка во Монца во недела за предизвикување на страшниот инцидент во првиот круг на Белгиското ГП, во кое болидот на Мекларен на Фернандо Алонсо летна над главата на Шарл Леклер во Заубер.
Хилкенберг почна да сопира предоцна и се удри во Шпанецот, кој потоа го закачи „хејло“ системот на Леклер, така спасувајќи го од сериозна повреда, а можеби и полошо.
„’Хејло’ сигурно помогна, бидејќи болидот прејде преку мене“, изјави Леклер.
Фернандо Алонсо, пак, по трката изјави дека Хилкенберг треба да биде казнет како Роман Грожан во 2012 година, кога доби суспензија од една трка. Хилкенберг призна дека вината е негова.
„Немаше проблем, туку само направив грешка. Понекогаш се чудам колку се чувствителни овие болиди. Ги изблокирав предните тркала и се удрив во Фернандо. Тоа беше погрешна проценка од моја страна“, изјави Хилкенберг.