Младиот голман на Манчестер сити, Аријанет Муриќ, идбрал да брани за репрезентацијата на Косово, потврди Фудбалскиот сојуз на Косово. Муриќ оваа сезона е втор голман на „граѓаните“ откако поради Ахиловата тетива, резервата на Едерсон, Клаудио Браво, ќе отсуствува најмалку шест месеци.
Пеп Гвардиола, веднаш по повредата на Браво, реши да го врати Муриќ од позајмицата во Бреда.
Одлуката да брани за Косово, предизвика шок во Фудбалскиот сојуз на Црна Гора.
„Многу сум задоволен што неколку месечните преговори завршија успешно и што мојот син Аријанет одлучи да игра за Косово“, рекол таткото на голманот.
Муриќ има три настапи за младата репрезентација на Црна Гора, а на неговиот последен настап против Словенија добил директен црвен картон.
„Ние не ја предадовме Црна Гора. Тие не покажаа желба да му отворат место во А-селекцијата. Мислам дека Косово има светла иднина и дека Аријанет ќе биде дел од тие успеси“, рекол Самир Муриќ.
Голманот е роден во 1998 година во Швацарија, а неговите родители потекнуваат од црногорскиот град Рожаје. Член на Манчестер сити е од 2016 година.