Менаџерот на Манчестер јунајтед, Ерик Тен Хаг најави дека на неговиот тим му се потребни повеќе засилувања во текот на летниот преоден рок бидејќи е потребно да се подобрат на „повеќе позиции“
Иако „ѓаволите“ никогаш не се воздржувале од скапи засилувања, пред летниот преоден рок постои неизвесност за тоа колку ќе биде буџетот на Тен Хаг поради процесот на продажба на клубот и прашањата дали семејството Глејзер ќе остане во сопственичката структура. Холандскиот тренер очекува дека без разлика кој е на чело на тимот ќе има средства и веќе има листа на играчи за кои е заинтересиран.
„Мислам дека е потребно да го засилиме тимот на повеќе позиции. Исто така да добиеме и поширока клупа на која можеме да сметаме. Но, во моментов не размислувам за тоа. Досега имавме добра сезона, се подобруваме и тимот функционира солидно. Мораме да продолжиме. Имаме добри играчи, голем тим, но ќе бидеме успешни само доколку продолжиме така“, вели Тен Хаг.
Јунајтед оваа сезона освоија трофеј по шест години пауза, освојувајќи го Карабао купот, а веќе се во финалето на ФА купот, каде што играат со градските ривали Манчестер сити.