Енди Мареј го преживеа тешкиот прв сет, за на крајот да го победи Џејмс Дакворт со 6:7/6:3/7:5/6:3 во првото коло на САД опен. Шкотланѓанецот, кој е поранешен светски број 1, го играше првиот гренд слем меч по повеќе од една година по повредата и операцијата на колкот.
Мареј имаше шанси да го освои и првиот сет, но двапати згреши на сет-поен во 12. гем, по што Австралиецот го освои тај-брејкот. Дакворт имаше повеќе освоени вкупно поени во мечот, но Мареј одигра солидно во одбраната.
Во второто коло е и Џон Изнер, највисокорангираниот Американец (11), откако со 7:5/6:3/6:4 го совлада сонародникот Бредли Клен. Изнер, кој имаше 20 аса, сега ќе игра со Николас Жари кој со 7:6/4:6/6:1/7:5 го победи Германецот Петер Гојовчик.
Кај дамите, по шокантниот пораз на светската тенисерка број 1, Симона Халеп, осмата носителка, Чехинката Каролина Плишкова со 6:4/7:6(4) ја победи Казахстанката Зарина Дијас за пласман во второто коло. Плишкова е финалистка од 2016 година.