Себастијан Фетел се надева дека со последните подобрувања на болидот на Ферари, неговиот тим ќе има вистинска шанса да победи на Италијанското ГП во Монца и така да ги зголеми шансите трката да добие долгорочна иднина.
Монца има договор со шефовите на Ф1 за следната сезона, но од 2020 година ништо не е сигурно и Фетел е загрижен. Сепак, тој верува дека со победа на Ферари овој викенд, шансите за останување на Монца на календарот се зголемуваат.
„Сигурен сум дека ќе имаме огромна поддршка, но исто така се надевам дека Ферари ќе може да помогне Монца да остане на календарот бидејќи слушнавме многу шпекулации. Секогаш е убаво да се вратиш во Италија, но тркањето во Италија за Ферари секогаш е нешто посебно“, вели Фетел.
Германецот ќе се обиде да стане првиот возач на Скудерија со победа во Монца по Фернандо Алонсо во 2010 година, но вели дека победата во Белгија во неделата не значи поинаков пристап.
„Ако си облечен во вистинската боја, во која сум сега, тогаш Монца е двојно поголемо задоволство. Мислам како тркач дека нема подобро нешто. Сега со победа, може да стане уште подобро. Секогаш има многу наши луѓе таму со своите семејства, а фановите се посебна приказна“, вели Фетел.