Фудбалерите на Салернитана ја совладаа Аталанта со 1:0 (0:0) во натпреварот од 35. коло на италијанската Серија А.
Аталанта се обиде да го фати последниот воз за пласман во Лигата на шампионите, но како и во минатото коло, доживеа пораз и практично се прости борбата за Топ 4.
„Божицата“ и покрај сите напори не успеа да постигне гол, казната стигна во судиското надополнување. Во 92 минута, ветеранот Антонио Кандрева постигна прекрасен гол за триумф и 38. бод во првенството.
Тимот од Салерно сега е во сигурната зона, додека Аталанта има 58 бодови и се наоѓа на седмото место во Серија А.