По вестите дека Челси го договориле пристигнувањето на Маурисио Почетино како нов менаџер за следната сезона, британските медиуми ја објавија листата на желби која аргентинскиот тренер ја доставил до газдата на клубот, Тод Бели.
Челси купија 17 играчи во текот на последните два преодни рока по преземањето на клубот од Бели, но според „Дејли мејл“ ова е само почеток и Почтино бара голман, играч од средниот ред и напаѓач како први приоритети.
Први на листата се тројца аргентински сонародници на Почетино – голманот на Астон вила, Емилијано Мартинез, како и напаѓачот на Интер, Лаутаро Мартинез и Алексис Мекалистер од Брајтон. Покрај нив, во средината на теренот Почетино би го сакал и Деклан Рајс од Вест хем, за кого се заинтересирани и Арсенал и Манчестер јунајтед.
Челси веќе имаат едно закажано пристигнување во летниот преоден рок, ѕвездата на РБ Лајпциг, Кристофер Нкунку, за кого платија 68 милиони фунти, а Почетино е подготвен да работи и со Мејсон Маунт и покрај тоа што се шпекулираше дека тој ќе замине од „Стемфорд Бриџ“.