Поранешната ѕвезда на Интер, Адријано признава дека бил среќен само кога пиел алкохол во уште едно трогателно интервју за неговата кариера.
Бразилецот се покажа со своите игри во Парма во Серија А, постигнувајќи 23 гола во 37 настапи пред да замине за Интер, каде што имаше многу добар старт, но потоа почнаа проблемите. Клиничката депресија беше главна пречка во неговата кариера, а по смртта на неговиот татко ситуацијата се влоши.
Тогашниот капитен на тимот Хавиер Занети, неодамна призна дека ситуацијата со Адријано му е „најголем пораз“ во кариерата.
„Едноставно не успеавме да го извадиме од депресија. Тоа е мојот најголем пораз. Уште ме боли. Едноставно бев немоќен“, изјави неодамна Занети.
Во интервју за бразилскиот магазин „Р7“, Адријано сам зборува за проблемите.
„Смртта на татко ми ме остави со голема празнина и се чувствував многу осамено. По неговата смрт самиот се изолирав. Се чувствував среќен само кога пиев и го правев тоа секоја вечер. Пиев што ќе стигнам, вино, виско, водка, пиво. Многу пиво. Морав да заминам од Интер. Не знаев да го кријам порокот, пристигнував пијан на тренинзите. Интер ме правдаа пред новинарите дека имам проблеми со мускулите. Подоцна сфатив дека проблемот беа луѓето околу мене, пријателите кои не правеа ништо освен што ме носеа на забави со жени и алкохол. Се вратив во Бразил и пропуштив милиони, но добив среќа“, вели Адријано.