Капитенот на Динамо Загреб и репрезентативец на Македонија, Аријан Адеми, неодамна потпиша нов договор, но според хрватските медиуми, во текот на денот би можел да замине од клубот.
Францускиот прволигаш Лил сериозно бил заинтересиран за услугите на Адеми. Челниците на Лил биле подготвени да ги исполнат барањата на Динамо, односно да платат 7,5 милиони евра за играчот од средниот ред.
Лил, во текот на преодниот рок што завршува денес, испратил неколку понуди за Адеми (од 3,8 до 6,3 милиони евра), а Динамо ги одбил сите. За да го задржи капитенот Динамо му понуди нов договор и плата од околу 500.000 евра, меѓутоа од францускиот тим не се откажале од можниот трансфер на 27-годишниот фудбалер.
Адеми е играч на Динамо од 2010 година, кога во Загреб пристигнал од Шибеник како слободен играч. За хрватскиот шампион има одиграно 196 натпревари, а бројката сигурно ќе беше поголема доколку од октомври 2015 до октомври 2017 година не беше суспендиран од УЕФА поради наводно користење на допинг.