Шефот на судиската комисија на Серија А, Џанлука Роки потврди дека од следната сезона ќе има поинаков пристап кон фудбалерите кои реагираат на расистички навреди по случаите со Ромелу Лукаку и Душан Влаховиќ во неодамна завршената сезона.
Имиџот на Серија А не беше подобрен оваа сезона по повеќето скандали со расистички навреди кон фудбалерите, а судиите следејќи го протоколот им даваа жолти картони на тие кои протестираа. Адемола Лукман, кој секогаш прославува со „глумење“ на очила беше казнуван за провокации кон публиката, додека Лукаку и Влаховиќ по реакциите кон публиката кои ги навредуваше добиваа жолти картони.
„Судиите најдобро знаат што значи да си навредуван, посебно во пониските лиги. Не е во ред да се казнуваат жртвите. Ако играчите добиваат расистички навреди, веќе нема да добиваат жолти картони, освен ако не претераат“, признава Роки.