Ракометарите на Металург в недела продолжуваат со настапите во Лигата на шампионите. Противник во арената „Борис Трајковски“ на играчите од Автокоманда ќе биде рускиот тим Чеховски медведи.
Со дуелот со Чеховски медведи ракометарите на Металург ќе го отворат вториот дел од натпреварите во Д групата. По првите пет натпревари Металург има скор од две победи и исто толку порази, а еден натпревар одиграл нерешено. Една од двете победи Металург ја забележа против рускиот тим. На 14 октомври Металург во Русија ги победи Чеховски медведи 32:26.
„Во сите досега одиграни натпревари ние бевме, условно кажано, аутсајдери и се обидувавме со мотивирачки прес-конференции да ги разбудиме нашите играчи. Велевме дека од мачиња треба да станат лавови, дека нема што да се изгуби и дека со борбена и трпелива игра во нападот можеме да направиме добар резултат. Сега, на овој натпревар в недела, Металург за првпат е фаворит и од тоа нема бегање. Изминатиот период добро работевме и подготвени ќе го дочекаме овој натпревар за да ја забележиме втората победа на домашен терен. Филип Кузмановски се враќа во тимот и тој момент го разговаравме со сите во клубот за да бидат подготвени да му ја дадат потребната поддршка“, изјави тренерот Александар Јовиќ.
„Имаме добра шанса да бидеме втори на табелата и затоа овој натпревар со Чеховски Медведи ни е најважен во Лигата на шампионите. Во Чехово лесно ги победивме, но тоа не смее да нè залажува. Сепак, тие се добра екипа и нема така лесно да се предадат во Скопје. Ќе мораме да го дадеме својот максимум и да играме на победа бидејќи мислам дека таа е достижна“, изјави младиот играч на српскиот тим Марио Танкоски.
По пет кола Д групата ја предводи Монпелје со 10 бода, Мотор Запорожје има шест, а Металург и Бешикташ имаат бод помалку, следуваат Спортинг со четири и Чеховски медведи без бодови.
Дуелот Металург-Чеховски медведи се игра в недела од 17 часот.