Напаѓачот на Јувентус, Кристијано Роналдо е далеку пред останатите фудбалери кои настапуваат во Серија А, според годишната плата. Роналдо има најголема плата, а единствениот клуб чии буџет оваа сезона ја надминува сумата од 200 милиони евра е Јувентус, објави „Газета дело спорт“.
Клубовите што се натпреваруваат во Серија располагаат со вкупен буџет од 1,1 милијарда евра, меѓутоа само четири од нив имаат буџет поголем од 100 милиони евра.
Кристијано Роналдо, со годишна плата од 31 милиони евра е далеку пред останатите фудбалери. Далеку зад него, според платата, на второто место е Гонзало Игуаин (9,5 милиони евра).
Меѓу петмината најплатени играчи, четворица се од Јувентус. Зад Роналдо и Игуаин се наоѓаат Паоло Дибала (7 милиони евра), Миралем Пјаниќ (6,5 милиони евра) и Даглас Кошта (6 милиони евра).
Во првите десет уште се Џанлуиџи Донарума (Милан/6 милиони евра), Леонардо Бонучи (Јувентус/5,5 милиони евра), Емре Џан (Јувентус/5 милиони евра), Лоренцо Инсиње (Наполи/4,6 милиони евра), а на десеттото место се Мауро Икарди и раџа Наинголан од Интер, односно Един Џеко од Рома. Последните тројца годишно заработуваат 4,5 милиони евра.
Најголем буџет оваа сезона има актуелниот првак Јувентус (219 милиони евра), а буџет поголем од 100 милиони евра имаат уште само Милан (140), Интер (116) и Рома (100).
Зад нив се Наполи )94), Лацио (66), Торино (43), Фиорентина (37), Сампдорија (36), Болоња (34), Сасуоло (30), Калјари (29), Џенова (29), Аталанта (27), Удинезе (26), Парма (23), Фросиноне (22), Киево (21), СПАЛ (21) и Емполи (16).