Ракометниот клуб Вардар 1961 по една година пауза се враќа на европската сцена. Ако некогаш играше во Лигата на шампионите, сега по освоеното трето место во домашниот шампионат лани, „црвено-црните“ се проектирани да учествуваат во квалификациите за Лига Европа.
Противникот во единственото квалификациско коло ракометарите на Вардар ќе го дознаат денеска. Ждребот е закажан за 11 часот во Виена.
Македонскиот претставник се наоѓа во групата со екипите на Тримо Требње (Словенија), Акваш Санташ (Португалија), Констанца (Романија) и Хановер (Германија). Тоа значи дека противници на РК Вардар 1961 можат да му бидат Рајн Некар (Германија), Брага (Португалија), Гранолјерс (Шпанија), Иштад (Шведска) и Винтертур (Швајцарија).