Жоао Кансело е подготвен да игра на било која позиција на која ќе биде поставен од тренерот на Барселона, Чави Ернандез по сите конфликти со Пеп Гвардиола во Манчестер сити и недисциплината која ја покажа во премиерлигашот, но и во Баерн Минхен.
Португалскиот бек е пратен на позајмица од Манчестер сити и вели дека има желба да оствари големи работи со неговиот „клуб од соништата“.
„Тренерот ми дава малку слобода и тоа ми се допаѓа. Се чувствувам удобно и на надворешната страна и ќе се адаптирам според неговото барање. Секогаш сум сакал да играм за Барселона и да покажам на луѓето кои веруваа во мене и кои знаат колку е тешко да се дојде тука. Сакам да остварам големи работи со овој клуб, бидејќи тоа отсекогаш бил мојот сон. Сите пријатели го знаат тоа, моите фудбалски идоли играа за Барса“, вели Кансело.
Кансело го загуби стартното место во Сити минатата сезона по конфликтот со Гвардиола, по што беше пратен во Баерн Минхен, кои се решија да не ја искористат опцијата да го откупат неговиот договор.