Вест хем биле „многу блиску“ до потписот на Хери Мегваер од Манчестер јунајтед ова лето, открива еден од помошниците на менаџерот Дејвид Мојс, Кевин Нолан, но на крајот договорот пропаднал поради парите.
Сите очекуваа Мегваер да замине од „Олд Трафорд“ откако го загуби стартното место под менаџерот Ерик Тен Хаг, а му беше и одземена капитенската лента, која сега ја носи Бруно Фернандеш. Вест хем беа фаворити за неговиот потпис и се договорија со „ѓаволите“ за трансфер од 30 милиони фунти, но не успеаја да се договорат за платата на англискиот репрезентативец, која во Јунајтед му е над 200.000 фунти неделно.
„Бевме многу блиску и на крајот бев лут што не го реализиравме тоа. На крајот, не беа договорени парите од тоа што го знам јас и тоа ни ги помати плановите, бидејќи навистина го сакавме во тимот. Мислам дека и во Јунајтед беа изнервирани. Мојс беше во контакт со Хери, со неговиот агент, но кога стана јасно дека нема договор, моравме да правиме други планови“, вели Нолан.