Менаџерот на Манчестер јунајтед, Ерик Тен Хаг вели дека во клубот имало лоша дисциплина пред неговото пристигнување, а управата го поддржала во неговиот строг став кон играчите по конфликтот со Џејдон Санчо.
Холанѓанецот одби да даде детали за конлфиктот со Санчо, кој е пратен да тренира индивидуално откако одбил да се извини на тренерот и за кој се шпекулира дека во јануари ќе биде продаден, но ја објасни својата политика.
„Стриктни граници, тоа е нешто што клубот побара од мене, бидејќи немаше добра култура во тимот пред моето пристигнување и морам да поставам добри стандарди и го направив тоа. Сега, моја работа е да се придржувам до тие стандарди. Не се работи за една грешка од некого, туку за цел процес пред да се дојде до одредено решение. Има систем кој треба да биде поставен“, вели Тен Хаг.
Тој нема да сметат на Санчо, но и на засилувањето кое тој го донесе во клубот, Антони, кој доби дозвола да остане во Бразил и да се соочи со обвинувањата за физички напад од повеќе жени.
„Немам поим кога ќе се врати Антони. Понекогаш мора да сметате дека фудбалерите се повредени или не се достапни поради други причини така што составувате тим и нашиот тим е добар и тие кои се достапни ќе дадат добри перформанси“, вели Тен Хаг пред утрешниот меч со Брајтон во Премиерлигата.