Да се има успех во Лигата на шампионите е многу поважно отколку да се освои италијанската прва лига, вели новиот претседател на Милан, Паоло Скарони.
Милан нема освоено домашна титула од 2010/11, а последен пат играа во Лигата на шампионите во 2013/14, кога загубија во осминафиналето од Атлетико Мадрид. Лани тие се вратија во европскиот фудбал во Лига Европа, но и тука беа елиминирани во осминафиналето од Арсенал.
Иако фановите би сакале да видат прва домашна титула по 2011, Скарони вели дека само едно нешто е клучно – Лигата на шампионите.
„На спортско ниво, нема да играме во Лигата на шампионите, иако таму ни е местото. Фудбалот еволуираше и скудетото стана помалку важно. За Милан најважно е да играме во ЛШ и да имаме добри резултати“, вели Скарони во интервју за „Кориере дела сера“.
Лошата форма на теренот влијае и на финансиите на тимот, и Скарони вели дека тимот мора да е на исто ниво со Манчестер јунајтед бидејќи освоиле повеќе титули од нив (што всушност не е вистина – Јунајтед има 45 трофеи, Милан 43).
„Италија имаше многу проблеми во последните години. Веќе 15 години Милан не ги зголеми своите приходи. Во 2003 имавме приход од 200 милиони евра, а сега некои клубови кои беа еднакви со нас имаат тројно повеќе приход. Ми се лоши кога ќе прочитам дека Манчестер јунајтед имаат 800 милиони евра, бидејќи ние победуваме повеќе од нив и имаме 400 милиони фанови низ светот“, додава Скарони.