Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола никогаш не ги криел своите политички убедувања, и сега вели дека затворањето на политичарите во Каталонија многу го загрижува.
Според него одлуката девет поранешни министри од распуштениот каталонски парламент да бидат уапсени е „страшна“. Освен поранешниот министер за бизнис, Санти Вила, другите се уапсени, додека каталонскиот лидер Карлес Пуџемонт останува во Белгија. Гвардиола секогаш сметал дека Каталонија треба да добие право на самоуправување и сега вели дека шпанската демократија направила чекор назад.
„Би сакал политичарите кои се во затвор да бидат пуштени што е можно побргу. Загрижен сум бидејќи тоа што им се случи ним, може да се случи на секого само за давање свое мислење. Двајца од нив се во затвор поради барање право да гласаат на легален референдум. Шпанската и каталонската влада треба да разговараат и да организираат нов референдум, бидејќи дотогаш ситуацијата не може да се реши, Тие се во затвор за изразување на желбата на каталонскиот народ. Навистина страшно. Одење назад во демократска земја“, вели Гвардиола.