Капитенот на кошаркарската репрезентација на Хрватска, Бојан Богдановиќ, останал без зборови по поразот од Полска во квалификациите за пласман на Светското првенство во Кина.
Хрватите, синоќа во Гдањск, беа поразени од Полска 74:79 и значително си ги намалија шансите дека наредната година ќе играат на СП.
Хрватска се наоѓа на последното место во групата со три победи и пет порази, колку што има и Холандија. Една победа повеќе имаат Полска и Унгарија, а првите две места се резервирани за Италија (6-2) и Литванија (8-0).
„Немам зборови. Се наоѓаме онаму каде што заслужуваме да бидеме. Се буневме што не игравме во комплетен состав против Романија и Холандија, сега игравме и се случи истото. Со две победи ќе бевме ‘дебело’ внатре, сега сме ‘дебело’ надвор“, рекол кошаркарот на Индијана Пејсерс.
Дополнителен проблем за Хрватска, во наредните квалификациски натпревари, во ноември и февруари наредната година, ќе биде и тоа што НБА играчите нема да можат да настапат.