Фудбалскиот клуб Бешикташ отстрани пет играчи од тимот поради лошата форма, соопшти клубот во понеделникот. Голема е веројатноста сите да го напуштат клубот во јануарскиот преоден рок.
„Винсент Абубакар, Валентин Розиер, Ерик Баи, Рашид Газел и Жан Онана се отстранети од тимот поради лошите перформанси и некомпатибилноста со остатокот од тимот“, соопштија од клубот.
Новиот претседател на клубот Хасан Арат денеска за АФП изјави дека е подготвен да се раздели со некои од овие играчи во зимскиот преоден рок, „доколку се појават добри можности“.
„Наш главен приоритет е да изградиме подобар тим. Ќе ги пополниме дупките во нашиот тим за време на зимскиот пауза“, рече Арат.
По 15. рунди во првенството, Бешикташ е петти на табелата со 14 бода помалку од Фенербахче и Галатасарај.
Ваквата одлука е донесена по големото истанбулско дерби во кое Бешикташ на домашен терен беше поразен од Фенербахче со резултат 3:1.