Компанијата Слога Пром од Кавадарци е новиот стратешки и Златен партнер на Македонски Олимписки Комитет. Со потпишување на договорот за соработка во следниот период и на следните олимписки натпреварувања Слога Пром ќе ги поддржува македонските олимписки медалисти како и работата на комитетот на повеќе полиња.
Договорот беше потпишан од Ласко Јованов, генерален менаџер на Слога Пром и Даниел Димевски, претседател на МОК.
„Да се биде Златен партнер на МОК е голема чест затоа што подржувајќи ги нашите спортисти, стануваме дел и помагаме во создавање на македонската спортска историја. Од вештините и меѓународните резултати на нашите олимпијци, излегле повеќе успешни национални спортски достигнувања, што е причина за поголема и поширока поддршка за олимписките спортисти. Во ова партнерство со МОК, освен што придонесуваме за создавање на македонското спортско наследство, уште и сме дел од една поголема мисија за популаризирање на македонскиот спорт. Со официјализирање на овој договор на нашите олимпијци им посакуваме успешен пласман и поголеми достигнувања на следните натпреварувања“, истакна Ласко Јованов, генерален менаџер на Слога Пром.
„Во Слога Пром, МОК препозна партнер што вистински верува во идејата позади олимпизмот и вредностите кои ги застапува, но многу повеќе во македонските олимписки спортисти. Ова партнерство како Златен партнер за нашите спортисти значи многу и токму затоа веруваме дека е само почеток на соработка што во иднина ќе се надградува со нови проекти“, истакна Даниел Димевски, претседател на МОК.
Слога Пром важи за компанија којашто е посветена на промоција на спортската култура на локално и национално ниво. Преку повеќе активности, како и изградба и опремување на спортски капацитети придонесува за афирмација на спортската култура во земјава посебно меѓу најмладите.