Тренерот на Рома, Еузебио Ди Франческо, се наоѓа пред отказ. Како што пишуваат италијанските медиуми, наредните две средби во првенството ќе бидат клучни дали тој ќе остане на функцијата.
Рома, вложи многу во летниот преоден рок, меѓутоа барем засега тоа не му ги донесе на клубот посакуваните резултати. „Волчицата“, игра со многу осцилации, поради што во Серија во првите четири кола освои само пет бода (гол разликата е 7:7), додека во Лигата на шампионите, во првото коло, речиси без борба го положи оружјето пред Реал.
Поради тоа, во Италија се шпекулира дека натпреварот против Болоња, а потоа и „Дерби дела капителе“ против Лацио, ќе ја одредат судбината на Ди Франческо. Меѓу овие два натпревари Рома ќе игра и против Фросиноне, најсериозниот кандидат за испаѓање од лигата.
Сликовито, медиумите објаснуваат, дека судбината на Ди Франческо е во рацете на браќата Инзаги. Легендарниот Филипо Пипо Инзаги е тренер на Болоња, а помладиот Симоне веќе неколку сезони го предводи Лацио.