Првиот човек на Пари Сен Жермен, Насер Ал-Келаифи потврди дека градот Париз не се согласил да го продаде стадионот „Паркот на Принцовите“, па затоа клубот бара друга локација.
Катарскиот функционер ова го изјави за медиумите по конгресот на УЕФА одржан во Париз.
Ал Келаифи не прецизираше кога ќе се случи преселбата на клубот, но тоа е сигурно, и ќе се случи во наредните месеци.
Градот беше експлицитен во својот став дека култниот стадион не е на продажба, што стави крај на долгогодишните обиди на ПСЖ да го преземе од градот.
„Тоа е крајот на приказната, сакаме да се преселиме од „Паркот на принцовите“, изјави Ал Келаифи два дена откако градскиот совет на Париз одби да го продаде стадионот на Пари Сен Жермен.
„Беше лесно да се донесе одлука кога ни стана јасно дека стадионот не е на продажба. Знаеме што сакаме, поминавме години обидувајќи се да го купиме стадионот, но сега е готово. Сакаме да се преселиме“, додаде парискиот шеф.
Според француските медиуми, ПСЖ сега е најблиску до одлука што поскоро да започне изградба на нов стадион во реонот на Париз.