Томас Парти со гол во 91. минута му донесе на Атлетико Мадрид тешка победа од 0:1 на гостувањето кај Депортиво Ла Коруња, во уште еден слаб натпревар на тимот на Диего Симеоне.
Атлетико го поминаа Реал Мадрид на третото место во Ла лига, и иако уште се непоразени во шампионатот, влегоа во мечот со шест ремија во последните седум натпревари, додека Кристобал Парало на клупата на Депор се обидуваше да стигне до втората победа откако го замени Пепе Мел.
Антоан Гризман имаше одлична шанса по 20 минути игра, но неговиот обид заврши во рацете на голманот на Ла Коруња, Костел Пантилимион. Депортиво, сепак, имаше повеќе шанси во првото полувреме.
Симеоне во вториот дел ги внесе Николас Гајтан и Анхел Кореа за да врати жар во играта, и тоа веднаш се почувствува, со обидоте на Гризман, Годан и Саул Нигуез. Во финишот на мечот, Атлетико успеа да стигне до одлична победа за кревање на моралот.